Во Кинотеката на Северна Македонија вечер (25 октомври) во 19 часот ќе биде отворена изложбата на стари фотографии „Охрид 1940 – 45“.
Авторот на изложбата, Роберт Јанкулоски, појаснува дека е ова ретка можност да се видат фотографии од Охрид снимени во периодот од 1940 до 1945 година од фотографот Јонче Поп Стефанија (1915, Охрид – 1983, Охрид).
– Фотографиите се изработени од оригинални негативи, на архивска хартија и се од колекцијата на Македонскиот центар за фотографија. Како дел од овој проект, беа исчистени, препакувани, дигитализирани и дигитално реставрирани 1025 негативи (6х6 см) од фотографската збирка на Јонче Поп Стефанија. Исто така, од изложбата е направена дигитална верзија, со што овие фотографии стануваат достапни насекаде низ светот – додава Јанкулоски.
Изложбата е финансирана од Министерството за култура како дел од Годишната програма за 2022 година.