Во Чифте амам вечер (12 март) во 19:00 часот ќе биде отворена изложбата „Калиопе Австрија и Северна Македонија“ – Жените во општеството, културата и науката.
„Изложбата ја истакнува улогата на жената во обликувањето на светот во изминатите 200 години. Преку прикажување биографии на значајни Австријки, изложбата има цел да го исправи историското маргинализирање на женските достигнувања, препознавајќи ги нивните таленти, решителност и придонес. Опфаќајќи го периодот од 19 век до денес, изложбата ги истражува животите на различни жени, вклучувајќи аристократки, уметнички, научници, активистки и политичарки, прикажувајќи ги нивните предизвици и достигнувања во борбата за еманципација“, информираат од Националната галерија како организатори на изложбата заедно со Амбасадата на Австрија.
Како соработник, Националната галерија во изложбата ги вклучува биографиите на значајни македонски уметнички, визионерки, кои ги користеа своите четки за сликање како инструменти за промена, надминувајќи ги општествените бариери и создавајќи простор за себе во уметничкиот свет во кој доминираат мажи.
Надополнувајќи го документарниот аспект на изложбата, во другите простории на објектот Чифте амам се изложени дела од колекцијата на Националната галерија што им припаѓаат на значајни уметнички кои одиграле важна улога во развојот на македонската современа уметност, истакнувајќи го често занемарениот „женски поглед“.
На изложбата ќе бидат изложени дела од: Катја Ефтимова, Лена Стефанова, Борка Аврамова, Ана Темкова, Вана Урошевиќ, Дијана Томиќ-Радевска, Моника Мотеска, Дита Старова Ќерими, Жанета Вангели, Славица Јанашлиева, Виолета Чауле, Биљана Унковска, Менче Спироска и Александра Ристовска Петрушевска.
Изложбата ќе биде поставена до 21 март 2024 година.