Во Музејот на Град Скопје вечер (10 мај) во 19:30 часот ќе биде отворена изложбата „Кимоно инспирации“ на реномираниот костимограф и режисер Благој Мицевски.
Изложбата вклучува дизајнирани костими инспирирани од јапонското традиционално кимоно кои се повлечени од депото на Народниот театар од Битола од претстави во кои се користеле, но и кимона направени токму за оваа пригода.
Со ова скопско издание на изложбата „Кимоно инспирации“, кое следува по претставувањето на изложбата во Битола, организаторите на настанот, ПАГОДА, информираат дека целта е збогатување на културната програма на градот со повеќе настани во текот на годината со кои ќе се одбележат 30 години од воспоставувањето на билатералните односи меѓу Северна Македонија и Јапонија.
Изложбата е поддржана од Амбасадата на Јапонија во Република Северна Македонија, а во организација на ПАГОДА.
Благој Мицевски е костимограф, дизајнер, сценограф, режисер и уметнички директор. Дипломирал дизајн на текстил и облека на Технолошкиот факултет при Универзитетот во Загреб во 1991 година каде што и ја започнува кариерата. Добитник е на 14 награди за костимографија, а неговата богата кариера ја красат и многубројни претстави. Неговата претстава „Без паника“ е наградена со Гран при и е една од трите претстави во НТ Битола со 100 изведби. Соработувал со врвни режисери и театарски работници во Македонија, на Балканот, но и пошироко.
Изложбата ќе биде достапна за скопската јавност до 14 мај.