Во издание на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид излезе книгата „Григор Прличев и неговиот ХIХ век“ од проф. д – р Вера Стојчевска – Антиќ и приредувачот Милчо Јованоски.
Како што информираат од институцијата, книгата со својата содржина е посебно актуелна денес.
„Познато е дека доменот на научни истражувања на авторката, проф. д-р Стојчевска – Антиќ се движи од IX до XIX век. Колку што биле силни и значајни тие почетоци во IX век, толку на одреден начин останале недоволно идентификувани во XIX век. Таа и во овој труд ги бара постојните преоди на нашиот јазик од времето на старословенскиот литературен јазик, кој во разните словенски средини преминува од XII век во црковнословенски, за да се дојде до XIX век со потреба од изразување на сопствен литературен јазик, различен од бугарскиот, од српскиот, а разбирливо тоа е евидентно и со грчкиот јазик“, наведено е во најавата по повод излегувањето на ова издание.
Покрај 12 трудови од д-р Стојчевска – Антиќ, книгата содржи и автографски записи, документи, мислења од охридскиот новинар, Милчо Јованоски. Тој изнесува податоци и слики за куќата и гробот на Григор Прличев, за семејното стебло (прв пат во печатена форма) за најстарите македонски изданија на негови значајни дела, филмови за Прличев, Прличевите визити, добитниците на наградата за најдобра поема…
Книгата „За Прличев и неговиот XIX век“ ќе биде промовирана на почетокот од февруари во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“. Нејзиното издавање финансиски е помогнато од Министерството за култура и Општина Охрид.