Иван Антоновски, за песната „Нека биде запишано“, е годишен лауреат на четвртиот меѓународен конкурс за поезија „Антево слово“ распишан од Меѓународната поетска манифестација „Анџело ла Векија“, во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст“ – Струмица“.
Како што соопшти денеска тимот на „Антево слово“, одлуката за наградата ја донела жири-комисијата на „Антево слово“ 2020/ 2021 година – Сицилија, Италија во состав: Геро ла Векија, Митко Гогов, Драгана Евтимова, Александар Поповски и Жорж Поповски, по разгледување на над 120 пристигнати дела.
Според жири-комисијата, песната „Нека биде запишано“ од Иван Антоновски сe истакнува по неговиот оригинален пристап на толкување на веќе позната и надалеку обработувана тема: релацијата помеѓу нас и предците, но и помеѓу помладите генерации.
Виолета Танчева-Златева за „Стакло“ е добитник на втората награда, а добитници на третата награда се Ива Дамјановски за „Остров“ и Кристина Камплоне за „Роден сум“ (Италија). Специјална награда освоија Билјана Станковска за „Црно око“ и Бери Картер за „Соништата на притвореникот“ (САД). Млад автор е Ведрана Петрова со „Исповед“.
Наградените автори ќе бидат застапени во новата антологија на Меѓународната поетска манифестација „Анџело ла Векија“.