Со претставата „Партија реми“ во изведба на актерите од Драмскиот театар, вечер (27 септември) во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово започнува 24. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедијата“. На првата фестивалска вечер ќе биде доделена и наградата „Васил Иљоски“ на актерката Стојна Костовска.
Од Центарот за култура – Куманово најавуваат дека публиката, и покрај строгите здравствени протоколи поради актуелната пандемија, ќе има можност да проследи комедии од театри од државава и од земјите од регионот.
– Целосно сме подготвени, запазени се сите епидемиолошки мерки во салата како што налагаат моменталните здравствени протоколи и сигурни сме и се надеваме дека и оваа година ќе имаме успешен фестивал. Тоа го докажавме и минатата година, дека можеме да организираме фестивал и во вакви околности. Сега капацитетот на салата е триесет проценти исполнетост од местата – вели директорот на установата, Сашо Тодоровски.
И годинава Фестивалот доби поддршка од Министерството за култура, од чиј буџет се издвоени 700 000 денари, и 300 000 денари од буџетот на Општина Куманово.