Заменик-министерот за култура Даим Лучи, во рамките на еднодневната работна посета на Република Албанија, денеска во Тирана се сретна со колешката Мери Кумбе, заменик-министер за култура на Албанија.
На средбата стана збор за важноста на заедничката заложба за заштита на културното наследство на Охридското Езеро во рамките на УНЕСКО, за иницирање заеднички културни активности, како и за координација во многу други сегменти кои дополнително би ги зацврстиле односите меѓу двете земји. Соговорниците се договорија да остане континуираната комуникација во интерес на вистинските културни вредности.
Заменик-министерот Лучи денеска ќе присуствува и на отворањето на изложбата на дела од македонскиот уметник Зоран Кардула во Македонскиот културно-информативен центар во Тирана.
Станува збор за прва изложба на Кардула во Тирана, која ќе понуди 13 дела од овој уметник, графички дизајнер и сликар, предводник на генерацијата уметници чии дела се секогаш актуелни во времето.