Серија настани ќе се одржат месецов во земјава по повод Денот на Европа. Централниот настан е закажан за 22 мај, од 20:00 часот, на платото пред Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и ќе претставува автентично музичко патување низ историјата на домашната рок- и поп-антологија.
На концертот со наслов „Мајска сесија – Дојди да се преслушаме“, старите познати рефрени ќе бидат изведени од актуелните изведувачи: „Фанк шуи“, „Пијан славеј“, Дина Јашари, диџеј Гоце и ЛД Пистолеро, „Sethsat“ со Марија Каева и „Ретро кабаре“, кои ќе свират свои аранжмани на песните, како одговор на едно друго време.
Концертот е најавен како севкупно мултимедијално искуство низ кое, како домаќин, публиката ќе ја води познатиот радиоводител Драган Б. Костиќ. Освен музичкиот спој на ЈУ старото и новото во формат на „радиошоу во живо“, за публиката ќе бидат достапни и други содржини на платото пред УКИМ – мини саем на книги, поп-ап продавница за винили и др.
Другите европски куќи од мрежата ќе бидат домаќини на богати културни настани, не само во своите градови туку и пошироко во регионот. Во Битола, програмата под мотото „Ние сме тука, кај си ти?“ почна на 9 мај со осветлување на Саат-кулата, а ќе заврши на 18 мај со изложба и настап на грчкиот диџеј Архитект во централниот двор (пациото) на Музејот во Битола. Во Струга на 30 мај, под мотото „Слушај природа!“, се планира целодневна програма што вклучува откривање на нов мурал во градот, проследено со музичко-светлосен перформанс во струшкиот Парк на поезијата.
Во организација на Европска куќа Крива Паланка, настани се планираат и во Кратово и во Куманово, а главните активности ќе се одржат на 20 мај со цртање мурал во пиксел-формат „Прозорецот на единството“, како и концерт на групата „Фолтин“.
На 28 мај, Европска куќа Струмица ќе го претстави биодиверзитетот на регионот преку изложба во Дојран, а на 30 мај во Гевгелија е планиран и концертот „Рок-симфонија“ во изведба на Битолскиот камерен оркестар. Европска куќа Велес е домаќин на интересен настан на 27 мај, кога ќе се промовираат локални винарници од Вардарскиот Регион и вина на земји членки на Европската Унија, нудејќи дегустации, жива музика и промоција на традициите и иновациите во семејни винарници.