Познатиот македонски поет, романсиер, книжевен преведувач и издавач Димитар Башевски е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ што се доделува од страна на Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија. Башевски е добитник на наградата за неговата поетска збирка „Дни, години“.
Жири комисијата во состав: Веле Смилевски (претседател), Милован Стефановски, Славица Гаџова Свидерска, Трајче Стамески, Марина Мијаковска (секретар) после прочитот на сите 35 пристигнати книги направи заедничка селекција и во потесен круг од пет книги влегоа збирките (редоследот е според почетните букви од презимињата на авторите): „Дни, години“ (Слово) од Башевски Димитар, „Две мориња“ (Антолог) од Коцев Јосип, „Мед и младост“ (Макавеј) од Михаилова Бошнакоска Гордана, „Филмски песни“ (Бата прес милениум) од Трајковски Дејан и „На врв на јазикoт“ (Арс Либрис, од Ќулавкова Катица.
Како што беше соопштено на денешната прес – конференција во Струга, жири-комисијата едногласно одлучи наградата да се додели за стихозбирката „Дни, години“ од Димитар Башевски.
Комисијата оценува дека наградената стихозбирка „Дни, години“ од Димитар Башевски, објавена во издание на „Слово“ од Скопје, претставува значаен прилог во новите текови на современата македонска поезија. Станува збор за книга со длабоки животни промислувања кажани преку наизглед едноставен поетски јазик. Димитар Башевски сведочи дека неговите поетски вертикали, чии корени се во минатиот век, и натаму се одликуваат со творечка виталност, со жив и сочен поетски говор и со сугестивен и актуелен тематско поетски простор. Притоа тој мајсторски се потпира на досега стекнатото творечко искуство.
Димитар Башевски, е роден во 1943 година во с. Ѓавато, Битолско. Завршил Филозофски факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Повеќе години работел како новинар, постојан дописник од Атина и уредник, а потоа и како издавач. Бил директор и главен уредник на издавачката куќа „Култура“ и потоа главен уредник на издавачката куќа „Слово“. Од 2000 до 2006 година беше претседател, а потоа и почесен претседател на Македонскиот ПЕН центар.
Негови книги се преведувани и објавувани на англиски, чешки, грчки, романски, српски, турски, бугарски, црногорски и албански јазик.
Избори од неговата поезија се објавени на англиски јазик во Лондон, на грчки јазик во Атина, на романски јазик во Букурешт и на српскијазик во Белград.
Застапуван е во поголем број антологии на македонската литературa во земјата и во странство и во македонските енциклопедии.
За своите книги, тој ги има добиено наградите „11 Октомври“, „Рациново признание“, „13 Ноември“, „Ванчо Николески“, наградата „Роман на годината“ на Утрински весник за романот „Бунар”, како и државната награда за долгогодишни остварувања „Св. Климент Охридски“. Романот „Бунар“ во 2002 година беше номиниран и за меѓународната награда „Балканика”, додека книгата раскази „Мајсторот“, беше во најтесниот избор за меѓународната „Његошева награда“ за 2015 година.
Преостанатите четворица кандидати во потесен избор исто така, според вообичаената пракса, ќе бидат дел од програмата на фестивалот.
Струшките вечери на поезијата оваа година ќе се одржат од 24 до 28 август во своето редовно издание на препознатливите локации.