Во Охрид започна 20. јубилејно издание на Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“ 2021. Во наредните четири дена, до 19 јуни, осумдесетина млади уметници од 15 држави ќе се натпреваруваат во дисциплините дувачки инструменти.
Во рамки на овој музички натпревармладите музичари од Србија, Албанија, Грција, Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Словенија, Хрватска, Германија, Русија, Полска, Кина, Ерменија, Португалија како и од нашата земја ќе се натпреваруваат во дисциплините флејта, обоа, кларинет, труба, саксофон, хорна и камерна музика. Заради почитување на здравствените протоколи и годинава како и на минатогодишното издание настапите ќе се одвиваат без публика, само во присуство на стручните комисии во свечената сала на Општина Охрид.
Најуспешните натпреварувачи и годинава ќе имаат можност да освојат некоја од наградите: 3000, 2000 и 1000 евра за највисоко рангираните, награди на здруженијата СОКОМ и СМУМ, Фондацијата „Зографски“, како и наградите на Фондацијата „Двајт и Урсула Мамлок“ и издавачката куќа „Рајс Ерле“ од Германија. Посебно значајна е и наградата на европската асоцојација на музички натпревари ЕМСИ, која на добитникот му овозможува годишна промоција преку учества на мастеркласи и концерти во повеќе европски градови.
Натпреварот „Охридски бисери“ се одржува под покровителство на Министерството за култура и градоначалникот на општина Охрид.