Дарја Ризова, членка на ансамблот на Македонскиот народен театар (МНТ), е избрана за најдобра актерка на 30. Фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ кој заврши денеска во Струмица.
Ризова ја доби наградата за улогата на Маша во копродукциската претстава „Нема да биде крај на светот“ на МНТ, Перипетија продукција Скопје и Сараевскиот воен театар САРТР, работена по текст на Аднан Лугониќ и во режија на Нина Николиќ.
Жирито во состав: Звездана Ангеловска, претседателка и минатогодишна лауретка,како и актерите Нико Горшиќ и Петар Арсовски, им додели специјални награди на актерите Фаик Мефаиловски, Огнен Дранговски и Илина Чоревска, режисерот Васил Христов и на претставата „Злосторство и казна“ во изведба на Драмски куклен тетар од Враца, Бугарија.