Започна Фестивалот на комедијата „Гола месечина“, кој е во продукција и организација на НУ Театар Комедија, а под генерално покровителство на Општина Аеродром. Публиката, на отворањето на фестивалот кој ќе трае до 3 октомври, имаше можност да ја проследи претстава „Чао пријатно“ во која настапуваат актерите Тино Костадиновски и Атанас Атанасовски.
Влезот за публиката и годинава е бесплатен, со тоа што ќе може да се влезе само со приложување билет поради ограничениот број на седишта, а бесплатните билети ќе може да се подигнат од билетарницата на СЦ „Јане Сандански“ во Аеродром. Фестивалот се одржува под посебни протоколи за одржување настани на отворено, на сцена поставена на фудбалското игралиште покрај детската градинка „Сонце“ во Реонски центар – Аеродром. Претставите започнуваат во 20 часот, а влезот за посетителите, кои ќе мора да носат заштитна маска, ќе биде отворен од 19 часот. Од Театар Комедија изразуваат надеж дека Фестивалот на комедијата и годинава ќе помине успешно и ќе внесе доза позитивност и смеа во нашето секојдневие и ќе го збогати културниот живот во Скопје.