Комедијата „Обвинителка“, чиј автор е Огнен Неделковски, а режисер е Сашо Ристовски, в среда ќе ја има својата премиерна изведба во Театарот во Штип.
„Претставата ја отсликува денешницава на еден многу суптилен начин. Оваа комедија ги третира актулните општествени прашања: Како е да си обвинителка? Како е да си обвинет? Кои цели се користат за спасување од обвинение? Претставата е резултат на меѓународна соработка на македонски уметници со уметник од Србија“, информираат организаторите, кои додаваат дека првата реприза е закажана в четврток во Центарот за култура во Куманово, а веднаш следуваат гостувања во центрите за култура во Охрид и во Битола. Главната улога ја игра српската актерка Лидија Вукиќевиќ, а настапуваат и Магдалена Ризова-Черних и Сашо Ристовски.
Сценографијата е на Крсто Богојевски, костимите се на Елена Лука, а музиката е на Мишел Трајковски.
Овој театарски проект е поддржан од: Министерството за култура, Центар за култура „Ацо Шопов“ – Штип, Почесниот конзулат на Република Србија со седиште во Охрид и други.