Овој четврток во 20 часот Оркестарот на Филхармонијата ќе го одржи концертот „Звукот на ориентот“ на кој ќе настапи исклучителниот мајстор на уд, композитор и воклист Марсел Калифе од Либан. На програмата се авторски дела на Калифе, а концертот ќе го води маестро Лубнан Балбаки од Либан. Ќе настапи и хорот „ПроАрс“.
Марсел Калифе студирал уд (арапска лаута) на Националниот конзерваториум за музика во Бејрут. Придружуван од неговиот музички ансамбл, настапувал во: арапските земји, Европа, САД, Канада, Јужна Америка, Австралија и Јапонија. Автор е на повеќе вокално-инструментални композиции, а неговиот дует за уд и контрабас бил награден од престижната „Charles Cros Academy“ во Франција во 2017 година. Во 2005 година Калифе е назначен за Уметник за мирот на УНЕСКО за неговите уметнички достигнувања и хуманитарен придонес. Во 2008 година Калифе го основа Катарскиот филхармониски оркестар каде што работи како музички директор и резиденцијален композитор.
Лубнан Балбаки е роден во 1981 година во Бејрут и е најмладиот редовен диригент во Либанскиот филхармониски оркестар. Диригирал со: Катарскиот филхармониски оркестар, Националниот радиооркестар на Букурешт, Филхармонискиот оркестар на Мексико Сити, Државниот симфониски оркестар на Истанбул и многу други.