Во Театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп вечер (5 јуни) во 20:00 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Бура“ од В. Шекспир, во режија на Џон Блондел од САД. Автор на сценографијата, костимите, светлото и на плакатот е Благој Мицевски, музиката ја изработи Томе Темелкоски, а драматург е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.
Во претставата настапуваат: Игор Трпчески, Ангела Наумоска, Даниела Иваноска, Наташа Ачански и други.
Режисерот Џон Блондел за текстот „Бура“, кој се смета за последната драма на Шекспир, вели дека претставата е филозофија на животот и, како што вели, „не знам ниту една друга ваква драма што во себе ја содржи целата богата сложеност на животот“.
− Тоа е прекрасна драма, дива и трогателна, која иако е многу стара, истовремено е многу модерна. Како што вели големиот романски режисер Ливиу Чулеј: „Класиката е класика затоа што е модерна“. Неизмерно уживав во работата на оваа претстава, со овие прекрасни луѓе во Прилеп. Сите се надеваме дека ќе уживате − истакнува режисерот Џон Блондел.
Првата реприза на претставата „Бура“ ќе биде на 6 јуни во 20:00 часот.
Претставата е дел од годишната програма на Театарот за 2024 година поддржана од Министерството за култура.