Во просториите на „Мала станица“ деновиве се отвори Биеналето на македонската архитектура каде што се изложени проекти реализирани во согласност со Правилникот на БИМАС на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) во периодот од 2018 до 2020 година и од 2021 до 2023 година.
Мишко Ралев, претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, на отворањето истакна: „Значајните дела во архитектурата, настрана стереотипните верувања, не се исклучиво производ на индивидуалниот труд на креативните херои туку се повеќе производ на напорите и кративно-технолошките можности на целокупното општество“.
– Ниту се инспиративни изуми на креативниот гениј поединец – „Големиот мајстор“, туку се траги што еден народ ги остава зад себе, слоеви на културно-идентитетските седименти депонирани со векови налик на геолошките формации кои се неуништлив доказ за временскиот континуитет, неми сведоци на подемот и падот на човековата заедница низ историјата. Но, како и да е, архитектите се сепак истурените експоненти на општествените аспирации преземајќи ги врз себе одговорностите за успехот или неуспехот на големите идеи и потфати како материјално и визуелно отелотворување и брендирање на понекогаш крајно персонализираните политички учења и движења во името на јавното добро, како директна декларација на демократските перформанси на општеството – истакна во своето обраќање Ралев.
Изложбата во „Мала станица“ ќе биде достапна до 29 септември.
Утревечер (20 септември), пак, со почеток во 20:00 часот, во Музејот на современата уметност ќе биде отворено Биеналето на студентите по архитектура – БИСТА. Изложбата ќе трае од 28 септември.