Во изложбениот салон на Центарот за култура во Крива Паланка денеска (7 мај) во 13 часот ќе биде отворена изложбата „Ѓуриште 2020“. Од Центарот за култура во Крива Паланка појаснуваат дека минатата година, во услови на пандемија, е одржана 15-тата ликовна колонија „Ѓуриште“ во организација на Домот на културата „Крсте Мисирков“ и Општина Свети Николе. На изложбата ќе бидат претставени дела од 12 ликовни уметници од Штип, Велес, Куманово, Скопје и од Крива Паланка. Од оваа национална установа истакнуваат дека публиката ќе има можност да види 24 уметнички дела изработени во различни техники, инспирирани од природата и убавините на Овче Поле и од здравствените работници, кои се херои и предводници во борбата против актуелната пандемија. Изложбата ќе ја отвори Димитар Лазов, ликовен уметник и учесник на колонијата.