Во Галеријата на НУ Центар за култура „Бели мугри“ во Кочани утре (8 ноември) во 19 часот ќе биде отворена самостојната изложба на Марија Мицова-Гацова.
Станува збор за изложба со наслов „Дата база“, која е резултат на постдипломските студии на Мицова-Гацова, под менторство на проф. Станко Павлески.
„Преку користење различни материјали и медиуми е претставено визуелното истражување на релацијата со предците и своевидно растајнување и раслојување на напластената содржина на заробената меморија. Претходно изрaзувајќи се преку цртежи, со оваа поставка уметницата ги опросторува своите идеи, допирајќи до слоевитостите на нејзината лична и посредувана меморија“, наведено е во најавата за изложбата.
На 18 ноември изложбата ќе биде поставена и во галерискиот простор на Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура како проект од областа на визуелните уметности, архитектурата и дизајнот за 2022 година.