Во просториите нa Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Загреб синоќа се одржа уметничка вечер на која беше претставено творештвото на македонскиот реномиран писател Томислав Османли.
На настанот, на кој присуствуваа истакнати личности од областа на културата, науката и општественото живеење, директорката на КИЦ – Загреб, Наталија Поповска, на чија иницијатива се одржа настанот, се осврна на сегменти од творештвото на Османли. Медијатор на настанот беше проф. д-р Ивица Баковиќ, раководител на Катедрата за македонски јазик и литература на Филозофскиот факултет во Загреб.
Со говор посветен на прозниот опус на нашиот писател и драмски автор, се обрати и писателот и режисер Матко Сршен, професор на Факултетот за драмски уметности во Загреб, кој се осврна на делови од драмското творештво на Османли.
Пред присутните се обрати и авторот на уметничката вечер, кој се осврна на мотивите за своите креативни интересирања и творби во прозата, филмската и театарска драматургија, есеистичките и теоретски книги и објави. Меѓу другото, Томислав Османли говореше за етичките аспекти на своето книжевно кредо.
Османли, кој е и теоретичар на стрипот, говореше за ликот и пионерското остварување на Желимир Книвалд, Хрват по потекло, кој во скопскиот гимназиски печатен весник го објави првиот регистриран стрип на македонска почва – во далечната 1937/38 година. Исто така, Османли истакна дека заедно со хрватскиот стрип-теоретичар и историчар, Вељко Крулчиќ, во Македонија, на деновите на културата во галеријата „Безистен“ во Штип, ја организирале првата изложба на оригинални стрипови на најголемиот хрватски и ексјугословенски автор, Андрија Мауровиќ.
На авторската вечер посветена на Томислав Османли, одличен настап имаше пијанистот Виктор Рафајловски, а фрагменти од делата на нашиот автор читаше младата Лутиен Л. Крстевска.