Во Културно-информативниот центар (салон Империјал 1) од денеска е поставена изложбата „Мал формат“, на која се претставуваат 33 автори, членови на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Изложбата, која ќе биде достапна за посетителите во следните десет дена, е во организација на ДЛУМ, под покровителство на Град Скопје и Министерството за култура. Организаторите на изложбата посочуваат дека станува збор за традиционална поставка на крајот од годината.
„Темите се слободни и можеме да забележиме замор од оваа тешка и специфична година, па така забележуваме враќање кон природата, кон пејзажот, но колорит и композиции кои ќе нѐ замислат. Индивидуалниот ракопис и пристап на изработка кај секој од авторите ја бележи нивната потреба за творење или, пак, бегство од реалната апатија и дотолку повеќе се значајни овие колективни изложбени претставувања кон патот до гледачот. Таа слобода на изразувањето, која ја почитуваме кај нашите колеги, со оваа изложба, ви ја претставуваме“, информираат од ДЛУМ. Оттаму додаваат дека Уметничкиот совет на ДЛУМ, наградата за „Мал формат“ му ја додели на Дејан Иванов-Маргуш за делото ,,Осоговски пејзаж”. Културно-информативниот центар додели три награди, и тоа: наградата „Адем Кастрати“ на Златко Бојковски, наградата „Костантин Коце Мазев“ на Марија Светиева и наградата „Вангел Коџоман“ на Дита Старова-Ќерими.