По повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, денеска во КИЦ во Загреб ќе се одржи трибина со наслов „Мајчиниот јазик – лична карта/Materinji jezik – osobna iskaznica“.
Од КИЦ во Загреб информираат дека овој настан е подготвен во соработка со Хрватско-македонското друштво и претставниците на Македонското национално малцинство во Загрепската Жупанија.
Учесници на трибината се: Јудита Реј Худачек, Амона Земон и Нсабиумва Ерик.
Предвиден е настап на хорот „Езерки“, како и читање стихови на македонски јазик од ученици по македонски јазик, подготвени од учителката по македонски јазик Бранкица Богатинов.
„Мајчиниот јазик не е само средство за разбирање на одредени групи туку и лична карта на секој поединец. Во јазикот е содржана целата историја на еден народ. Во време на глобализација, многу јазици се во опасност од изумирање. Чувањето на јазиците на помалите етникуми е од особена важност за светската цивилизација“, нагласуваат од КИЦ во Загреб, најавувајќи го денешниот настан.