Не е вистина дека „Мал битолски Монмартр“ не е поддржан, годинава им е доделена највисока сума од 240 илјади денари

од admin_kult

Министерството за култура остро ги демантира изјавите на претседателот на Управниот одбор на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола, организатор на „Мал битолски Монмартр“, Славчо Неделковски, кој вели дека оваа интернационална ликовна колонија годинава не е поддржана во рамките на Годишната програма на Министерството за култура. Министерството за култура редовно, во континуитет, секоја година ги поддржува проектите на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола, и тоа: Светскиот ликовен конкурс и Меѓународниот фестивал „Мал битолски Монмартр“. За оваа година, проектите на „Мал битолски Монмартр“ добиваат највисока сума за поддршка досега во износ од 240 илјади денари: за Фестивалот – 151 800, а за Конкурсот – 87 300 денари.

Далеку од вистината е тврдењето на Неделковски дека овие манифестации не се поддржани од Министерството за култура и не се бодувани, напротив, стручната комисија ги оценила со високи бодови: 97 бода за Конкурсот и 66 бода за Фестивалот.

Инаку, во изминативе години поддршката од Министерството за култура за манифестациите на „Мал битолски Монмартр“ е следнава: во 2020 година било аплицирано само за Конкурсот и се доделени 150 илјади денари; во 2021 година  Фестивалот е поддржан со 97 илјади и 600 денари, а Светскиот ликовен конкурс со 94 илјади и 400 денари, што е вкупно 192 илјади денари. Во 2022 година се доделени вкупно 219 илјади денари, и тоа: за Конкурсот – 104 000, а за Фестивалот – 115 200 денари.

Сметаме дека Неделковски со ваквата изјава шири невистини и самиот го намалува реномето на светски признаените манифестации кои се одвиваат со децении под брендот „Мал битолски Монмартр“. Комисиите при Министерството за култура работат во согласност со приоритетите, мерилата и критериумите на Конкурсот, и, според наведената поддршка со години наназад, „Мал битолски  Монмартр“ секогаш бил субвенциониран со доволна финансиска поддршка со која овие манифестации постигнуваат светски успех. Не гледаме причина зошто да не биде така и оваа
година.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе