Во Даут-пашиниот амам вечер (27 октомври) во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Портретот во фокус“ на познатиот македонски скулптор Илија Аџиевски.
– Портретот отсекогаш бил многу специфичен жанр, во која било ликовна дисциплина или медиум. Тој не подразбирал само добра стручна подготвеност и фотографско, т. е. реалистично празно пренесување, туку значел умеење да се проникне во тајните и суштината на портретираната личност, да се одгатнат нејзините тајни, вистини, внатрешна убавина, креативност, дух, суровост, мекост итн.
Во тој контекст, и пристапот на Илија Аџиевски не бил да постигне академско-реалистична сличност туку неговата намера била да ги пренесе најспецифичните особини на личноста што ја претставува, создавајќи своевиден коментар за нејзината продуховеност. Оттука и најмногубројни се портретите на негови пријатели, духовно блиски личности, сограѓани со кои се познавал и го делел задоволството и креативниот занес во создавањето на уметнички творби. Меѓу нив имало и други ликовни уметници, поети, филозофи, писатели, естетичари, историчари на уметноста или сродни пријатели по продуховеност.
Ако ја употребите максимата на Микеланџело, дека задачата на скулпторот е да ги „ослободи од заробеништво“ ликовите и телата на своите модели, тогаш Илија Аџиевски во своите портрети го постигнал токму тоа – ја ослободил продуховеноста и ја виртуелизирал невидливата природа на портретираните ликови, допирајќи во најдлабоките тајни на нивната интима, замрзнувајќи во скулптура неодгатнати аспекти на нивниот карактер со своите вешти раце и со својата уметничка визија и сензибилност. Во тоа е маестралноста на Аџиевски, затоа неговите портрети се сегмент од неговото скулптурално творештво кое заслужува особено внимание и дигнитет – најавуваат од Националната галерија.