Музичката програма на 63. издание на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечер (13.7.2023 г.) со концерт на Нишкиот симфониски оркестар, под диригентската палка на Зоран Станисављевиќ.
Концертот ќе се одржи во црквата „Св. Софија“ во Охрид со почеток во 21:00 часот. На програмата се дела од В. А. Моцарт, Барбер, Бритн, Шостакович и Шуплевски.
Нишкиот симфониски оркестар дејствува во Србија, но и пошироко, веќе седумдесет години. Основна дејност на Оркестарот е изведување уметничка музика, истовремено негувајќи го културното наследство со учество на многубројни уметници од Србија и од странство.
Оркестарот има остварено гостувања на многубројни манифестации, како: „Денови на Мокрањац“ во Неготин, фестивалот „Дубровнички летни игри“ (Хрватска), фестивалот „Олимпус“ (Грција), фестивалот „Свет на музиката“ во Фивицано (Италија), како и гостување во Грац (Австрија).