Иконостасите и ѕидното сликарство во црквите „Свети Ѓорѓи Победоносец” во Младо Нагоричане и „Воведение на Богородица” кај село Сув Орах, Кумановско, ќе се конзервираат и реставрираат.
Средствата се обезбедени од Министерството за култура, а проектите ќе ги реализира Националниот конзерваторски центар Скопје. За непосредна заштита, проект за конзервација и реставрација на sидното сликарство на црквата „Св. Ѓорѓи Победоносец” во Младо Нагоричане, одвоени се милион денари; за конзервација и реставрација на 20 празнични икони и на иконостасната конструкција, втора фаза во оваа црква од Општина Старо Нагоричане, одвоени се 250 000 денари.
Црквата претставува споменик на културата од 16 век, изградена во поствизантиски стил.
За манастирот Карпино или „Воведение на Богородица” кај село Сув Орах, за изработка на проект за конзерваторско-реставраторски работи на дрвената иконостасна конструкција (нов иконостас, XIX век) и гредната конструкција (стар иконостас, XVI век) од Карпинскиот манастир „Воведение на Богодорица”, одвоени се 60 000 денари, додека за конзерваторско-реставраторски работи на дрвената иконостасна конструкција (нов иконостас, XVI век) и на гредната конструкција (стар икононостас, XVI век) од Карпинскиот манастир се предвидени 100 000 денари.
Манастирот Карпино бил познат скрипторски центар во 16 век, изграден е во византиски стил. Скапоцената колекција на стари празнични икони се наоѓа во галеријата на икони во соборниот храм „Свети Никола” во Куманово.
Реализацијата на проектите ќе се одвива во согласност со предвидената динамика и временските услови.