Јубилејно 20. доделување на наградата за млади уметници „Денес“

од admin_kult

Со изложба на тројцата годинaшни добитници на наградата „Денес“ – Ѓорѓи Десподов, Клелија Живковиќ и Бурџу Мусли – на 14 септември во Националната галерија – Чифте амам ќе се заокружи одбележувањето на јубилејот 20 години од првото доделување на оваа награда за млад визуелен/а уметник/чка до 35 години.

Наградата „Денес“ е платформа од единствен вид во земјава, која во текот на две децении континуирано им нуди на младите уметници програма за престој на уметници во Њујорк, уникатно искуство во специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност, средби и презентации со интернационална жири-комисија и продукција на нови дела во рамките на изложба за наградата.

Таа е основана во 2002 година, како годишна награда за најдобар млад ликовен уметник до 35 години во земјава, од страна на Центарот за современи уметности – Скопје во соработка со Фондацијата за граѓанско општество од Њујорк, САД, но официјално првпат беше доделена во 2003 година. Намерата е наградата да им понуди повеќе можности на младите уметници да ги совладаат своите уметнички интереси и да ги прикажат пред пошироката публика, како и да се продлабочат дискусиите меѓу институциите и младите уметници. Од 2015 година наградата локално ја организира здружението Факултет за работи што не се учат – ФРУ, во рамките на фестивалот „АКТО“.

Одбележувањето на 20-годишнината на наградата „Денес“ започна во април годинава со петдневна едукативно-дискурзивна програма за млади уметници „Совршениот уметник“ во „Мала станица“, каде што млади уметници се стекнаа сo практично-теориски вештини во современата уметност и критички увид во својата практика, но и во локалниот контекст виден од интернационална перспектива. Потоа продолжи со изложбата „Прекаријатот има шанса: јавни простори во движење (кон)“ во Галеријата „Структура“ во Софија каде што 20 уметници од земјава, дел од нив добитници, учесници или финалисти на наградата „Денес“, ја претставија својата скорешна практика пред софиската публика.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе