Во Националната галерија – објект Чифте амам денеска (20 декември) во 12 часот ќе биде отворена изложбата „110 години од раѓањето на уметницата Лена Стефанова (1913 – 1991)“.
Лена Стефанова зазема втемелувачко и изделено место во историјата на современата македонска ликовна уметност. Од НГМ велат дека Стефанова има голема улога во културата на уметноста како прва уметница во современата македонска ликовна уметност, но и дека има малку пишувани текстови и аналитички студии што се посветени на нејзиниот живот и дело.
Стефанова се школувала во престижното француско училиште во Скопје, а во текот на школувањето го посетува ателјето на Олга Бенсон (1924 – 1928) каде што ги стекнува првите ликовни искуства. Станала членка на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) од неговото формирање во 1945 и учествувала на сите позначајни групни изложби заедно со основоположниците на современата македонска ликовна уметност – Личеноски, Мартиновски, Владимирски, Коџоман, Белогаски и други.
Изложбата во Чифте амам ќе трае до февруари 2024 година.