Утре изложбата „Дефрагментација“ во МСУ – Скопје ќе може да се разгледа со личен кустос водич, а потоа следува матине со музика

од admin_kult

Утре (сабота), во 12 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе може да се разгледа изложбата „Дефрагментација“ со дела од колекцијата на Музејот со личен кустос водич.

Ова ќе биде последна можност за кустосот Бојана Јанева да ги доближи до посетителите делата подарени од уметници од централноевропските земји бидејќи изложбата ќе биде отворена уште две недели.

Потоа, во 13 часот, на тремот пред Музејот на современата уметност со поглед кон Скопје, како придружен настан, Музејот организира и матине со диџеј-сет на Мирко Попов и Виолета Качакова, при што посетителите ќе можат да се подружат и да ги сумираат впечатоците од изложбата.

За најмладата публика ќе биде организирано детско катче каде што ќе можат да цртаат поттикнати и инспирирани од изложбата.

На изложбата „Дефрагментација“ се претставени дела од колекцијата на МСУ – Скопје, подарени од уметници од Чешка, Унгарија, Полска и од Словачка. Изложени се 96 дела од 86 уметници. Куратори на изложбата се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

На оваа изложба, со која се одбележува и 60-годишнината од скопскиот земјотрес, претставен е избор од слики, скулптури и графики кои се создавани во текот на 20 век, поточно во периодот од 1905 до 1989 година, и претставуваат репрезентативен преглед на достигнувањата во уметноста на повеќе генерации уметници од земјите од Централна Европа.

Како што велат и кураторите, изложбата е потсетување на светската солидарност, концепт на кој се темели МСУ, а степенувањето на важноста на меѓународната соработка е основа за унапредување на општествената сфера и справување со заедничките предизвици.

Во колекцијата на МСУ – Скопје се чуваат вкупно 5 291 дело, меѓу кои и: 22 дела од 11 уметници од Словачка, 56 дела од 27 уметници од Унгарија, 266 дела од 105 уметници од Чешка и 224 дела од 136 уметници од Полска. И квантитативно, но и квалитативно, делата од овие колекции претставуваат суштински дела од колекцијата и основен концепт врз кој се темели МСУ.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе