Со претставување на творештвото на Томислав Османли, вчеравечер завршија книжевните вечери „Писма од Македонија“ што се одржуваа од 25 до 27 октомври во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Истанбул, Турција.
Османли беше претставен, пред сѐ, со турскиот превод на неговиот роман „Зад аголот“ во издание на истанбулската издавачка куќа „Bibliyon“. Романот, објавен во 2012 од „Магор“, на турски јазик го преведе Махмед Јонуз, кој пред присутните го претстави творештвото на авторот.
На книжевните вечери „Писма од Македонија“ во Истанбул на 25 октомври беше претставен писателот Ким Мехмети, кој твори на албански јазик, и неговите книги „Питачите на Скопје“ и „Бунар“, објавени во Турција, а на 26 октомври беше претставена Лејла Шериф Емин, турска поетеса од Скопје, со нејзината книга „Ако не се изгубиш, овој град е сѐ уште твој“. Таа е претседателка на Сојузот на турските невладини организации во Северна Македонија и годинашна добитничка на книжевната награда „Мост меѓу националностите“.
Во рамките на посебната програма на манифестацијата беше претставена и филмската документаристка и етнолог Елизабета Конеска со филмот „Нејзиното семејство 2010 – 2019“ за јуручката турска заедница во земјава, кој е комплетно сценаристичко, режисерско и снимателско дело на Конеска од 2020 година.