Од 17 до 21 октомври 2022 година во Охрид, Регионалното биро за наука и култура на УНЕСКО во Европа со седиште во Венеција, Италија, со логистичка поддршка од Националната комисија за УНЕСКО на Република Северна Македонија и други надлежни институции, организира тренинг-работилница „Градење на иднина отпорна на климатски промени: развој на капацитети за адаптација на климатските промени и управување со ризици од катастрофи во избрани локалитети на УНЕСКО во Југоисточна Европа“.
Целта на работилницата е да се утврдат влијанијата на климатските промени и природните катастрофи врз локалитетите на природното и светското наследство на УНЕСКО, како што се: биосферните резервати, глобалните геопаркови и локалитетите на светско наследство во Југоисточна Европа, и да се развијат капацитети за подготвеност и дејствување во рамките на управувањето со наследството и локалитетите.
На работилницата учествуваат околу 30 експерти – претставници од 5 држави од Југоисточна Европа: Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Република Северна Македонија и Србија – и предвидува институционално и професионално градење на капацитети преку организирање обука во која ќе бидат вклучени органите за управување со локалитетите заедно со органите за цивилна заштита, други засегнати страни и експерти од областа на климатските промени, управувањето со ризици од катастрофи и заштитата на биосферните резервати и локалитети на светско наследство.
На официјалното отворање пред присутните се обратија заменик-министерот за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија, г-ѓа Христина Оџаклиеска; генералниот секретар на Националната комисија за УНЕСКО, г-ѓа Татјана Краљевска-Лазарова; градоначалникот на Охрид, г. Кирил Пецаков; и шефот на Одделот за наука од Регионалното биро за наука и култура на УНЕСКО во Европа, г. Џонатан Бејкер.