Телеграма со сочувство по повод смртта на академик Георги Старделов

од admin_kult

На 90 години почина академик Георги Старделов, филозоф, естетичар, есеист, книжевен критичар, антологичар, теоретичар и историчар на културата, поранешен претседател на МАНУ и еден од најактивните и еминентни академици во земјава. Веста ја соопшти Филозофскиот факултет каде бил професор (1966-1995) и негов декан (1975-1977).

Телеграма со сочувство по повод смррта на академик Старделов упати и министерката за култура Ирена Стефоска.

„Личноста на академик Старделов, како филозоф и естетичар, како филозоф на културата и литературен критичар, е трајно врежана во темелите на македонската култура и историја. Неговиот неуморен, љубопитен и исклучително рафиниран истражувачки дух постојно ги поместуваше границите, а со секое негово ново дело, на извонреден начин го збогатуваше корпусот на македонската интелектуална ризница“, стои во телеграмата со сочувство упатена до семејството.

По повод смртта на академик Георги Старделов, Македонската академија на науките и уметностите и Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје ќе одржат заедничка Комеморативна седница на 13 јануари (среда) 2021 година, во 10 часот, преку видеоконференциска врска со употреба на интернет-комуникација.

Академик Георги Старделов завршил Филозофски факултет, група филозофија, на Белградскиот универзитет (1953), а постфилозофски студии минал на повеќе германски универзитети (Минхен, Фрајбург и Франкфурт). Докторирал филозофски науки (1965). Бил професор на Филозофскиот факултет во Скопје, негов декан, прв декан на интердисциплинарните студии по новинарство, претседател на Друштвото на писателите на Македонија, претседател на Македонскиот ПЕН центар, претседател на Друштвото на филозофите на Југославија и на Македонија, член на Европската академија на науките и уметностите, а почесен член е на Асоцијацијата на шпанските уметници при Шпанската кралска академија и гостин професор на повеќе европски и американски универзитети. Негови дела и трудови се преведени на повеќе странски јазици. Член е на МАНУ од 1986 година, а бил нејзин потпретседател (2000–2004) и претседател (2008–2011). Академик Георги Старделов има објавено над 20 авторски книги, а во 2000 година му се објавени избрани дела во девет томови. Превел и приредил бројни капитални филозофски автори и дела.

 

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе