Аудиобиблиотеката „Самоглас“ го најави својот нов проект, кој го реализира во соработка со МТФ „Војдан Чернодрински“ од Прилеп. Станува збор за театарски поткасти, проект поддржан од Министерството за култура и „Европска куќа“ и со кој се предвидени две сезони.
Во првата епизода „Почетоците на фестивалот“ што e објавена денеска, гостинка е проф. д-р Јелена Лужина, една од најдобрите познавачи на Фестивалот, личност која ги знае сите значајни информации и факти за неговите почетоци, растеж и развој.
Поткастите ги водат актерките Сара Анастасовска и Ангела Стојановска, кои во шест епизоди зборуваат за минатото на Фестивалот: Почетоците на Фестивалот; Чување на фестивалската меморија; Сите награди на Фестивалот; Награда за животно дело; Коле Чашуле и Фестивалот; Војдан Чернодрински на Фестивалот.
Во следните епизоди на „Самоглас“, кои ќе се објавуваат секоја среда, гости ќе бидат: Ана Стојаноска, Петар Темелковски, Стојан Дамчески, Сотир Трајков, Лилјана Мазова, Каролина Мицевска, Иван Додовски, Зоја Бузалковска, Бајруш Мјаку и многу други.
Втората сезона на театарските поткасти ќе се снима и ќе се емитува за време на одржувањето на Театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, од 9 до 16 јуни.
Аудиомонтажер и продуцент е Христијан Поп-Симонов, а Петар Антевски е задолжен за изработка на промотивните материјали.
Секој може бесплатно да ужива во аудиобиблиотеката преку креирање кориснички профил на www.samoglas.mk или преку користење на мобилните апликации на „Самоглас“, достапни на: AppStore, PlayStore и AppGallery.
Сите нови содржини на „Самоглас“, заинтересираните може да ги следат на официјалните профили на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Инстаграм“.