Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска е во дводневна работна посета на Република Албанија. Денеска во Тирана, министерката Костадиновска-Стојчевска се сретна со министерката за култура на Албанија, Елва Маргарити, при што главна тема на разговорот беше работата на Меѓудржавниот комитет за управување со Охридскиот Регион.
![](https://kultura.gov.mk/wp-content/uploads/2022/03/Albanija-5-4-1024x683.jpg)
Во тој контекст, стана збор за формирањето на постојан секретаријат составен од релевантни експерти од двете страни и за изработката на заеднички стратегиски план со дефинирани цели, иницијативи и проекти за заштита и рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион како исклучителна вредност. На средбата се разговараше и за изработката на заедничките извештаи за состојбата со заштитата и напредокот во спроведувањето на препораките на Комитетот за светско наследство и за заедничкото дипломатско дејствување при организациите на ОН и на ЕУ.
![](https://kultura.gov.mk/wp-content/uploads/2022/03/Albanija-1-1024x683.jpg)
Костадиновска-Стојчевска и Маргарити меѓусебно се информираа за реализацијата на последната фаза од повеќегодишниот сложен процес на реституција на македонските икони кои се во Албанија, а ги споделија и искуствата околу нормативното уредување во сферата на заштитата на културното наследство.
Министерките на двете земји изразија задоволство од досегашната соработка во културата меѓу двете земји и се согласија дека има простор за интензивирање на соработката и на индивидуално и на институционално ниво. Беше потенциран позитивниот пример на соработка со Музејот на албанската азбука во Битола.
![](https://kultura.gov.mk/wp-content/uploads/2022/03/Albanija-2-1024x683.jpg)
На средбата, на која присуствуваше и амбасадорот на Северна Македонија во Тирана, Данчо Марковски, се разговараше за процесите што може да се отворат со поголема размена во областа на културата на двете земји со Косово, како и за поефикасно учество и аплицирање на грантовите за култура во програмата „Креативна Европа“.
Добрата културна соработка се потврди и со отворањето на Македонскиот културно-информативен центар во Тирана каде што годинава, со поддршка од Министерството за култура, ќе се реализираат повеќе културни настани, промоции на книги, концерти и изложби, на кои македонските уметници ќе се претстават пред јавноста во Тирана.