„Денот на црвот“ од Симона Јованоска добитник на наградата „Роман на годината“

од admin_kult

„Денот на црвот“ од Симона Јованоска во издание на Издавачката куќа „Или-Или“ е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2021 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

Според жири-комисијата, во состав: Владимир Јанковски, претседател и минатогодишен лауреат, Катица Гароска-Ацевска, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева и Катерина Богоева како претставничка на Фондацијата „Славко Јаневски“, романот претставува успешно книжевно остварување во кое авторката на умешен начин комбинира различни приказни, егзистенцијални ситуации и човечки судбини.

Според Јанковски, композициски, книгата може да се чита како еден вид книжевна симфонија. Тој напомна дека романот е богат на ниво на стил, книжевна постапка, тон на раскажување, а хуморот, иронијата, суптилната пародија се само некои од стратегиите што авторката ги користи за да го збогати читателското искуство и да ги нијансира значењата на текстот.

Извршниот директор на Фондацијата „Славко Јаневски“, Ѕвездан Георгиевски, истакна дека е горд на фактот што наградата се доделува 23 години во континуитет, и со тоа ѝ е дадено соодветно место во македонската литература, но и соодветно значење.

-Во овие 23 години наградата е доделена на многу важни номинирани автори во нашата држава, но е доделена и на многу млади или дотогаш недоволно афирмирани автори, кои преку оваа награда практично влегоа во македонската литература на малку поголема врата и на овој или на оној начин ја оправдаа довербата што жирито им ја додели – рече Георгиевски.

Лауреатката Симона Јованоска, пак, посочи дека е среќна и возбудена што е добитник на оваа награда, која, како што рече, ќе ѝ претставува дополнителна мотивација за во иднина.

-Многу сум среќна, возбудена, многу ја сакав оваа награда. Нема да бидам скромна, да кажам дека не ја сакав, никогаш овој роман не го напишав со таа цел, за да добијам што било. Беше пишуван во еден исклучително специфичен период за мене, во време кога почна пандемијата – рече Јованоска.

При изборот, во конкуренција од 39 книги од минатогодишната книжевна продукција, во најтесниот избор влегоа и „Деса“ од Ивана Трајаноска („Арс либрис“), „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од Давор Стојановски („Или-Или“) и „Ден за одмазда“ од Ивица Челиковиќ („Паблишер“).

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе