Во Кинотеката на Северна Македонија вечер премиерно ќе биде прикажан филмот „Совршената дадилка“, со кој ќе биде отворен Месецот на франкофонијата.
Се работи за екранизација на истоимениот славен роман на Лејла Слимани, за којшто авторката ја доби Гонкуровата награда во 2016 година. Филмот е во режија на Лиси Борлето, а главните улоги ги толкуваат Карин Вијар, Лејла Бекти и Антоан Рајнхард. Филмот е со превод на македонски јазик. Пред проекцијата, ќе се одржи и промоција на преводот на македонски јазик на истоимениот роман од страна на издавачот „Антолог“, чие издание беше поддржано од страна на Францускиот институт во Париз во рамките на програмата за поддршка на издавачката дејност во други земји.
Настанот е во организација на Францускиот институт во Скопје и Кинотеката на Северна Македонија.