Од 19 до 26 август во Битола ќе се одржи годинешното 43. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, на кој ќе бидат прикажани филмови од долгометражна, краткометражна, документарна и студентска програма. За отворање на фестивалот е најавен филмот „Раката на Бога“ на Паоло Сорентино, а ќе се затвори со „Снежана на крајот умира“, по сценарио и режија на Кристијан Ристески.
Фестивалот ќе се одвива на три локации – во Домот на култура, киното „Манаки“ и Офицерскиот дом – летна тераса во Битола.
Оваа година во главната програма на фестивалот ќе има 14 филмови, во рамки на кратката програма ќе бидат прикажани 12 филмови, а во документарната програма ќе бидат прикажани 10 филма. Во рамки на студентската програма, оваа година ќе има еден македонски филм од Факултетот за драмски уметности во Скопје, потоа пет балкански филмови кои ни доаѓаат од Словенија, Грција, Косово и Хрватска, а другите филмови се од остатокот од Европа. Гости во студентската програма доаѓаат од академијата Вуџ од Полска, но и од академии од Шпанија, Турција.