Со јубилеен концерт посветен на великанот на народната песна Александар Сариевски, кој е родум токму од Галичник, а годинава се навршуваат 100 години од неговото раѓање и 20 години од неговата смрт, вечер (15 јули) започнува 48. издание на автентичната културно-сценска манифестација „Галичка свадба“.
За галички зет и невеста оваа година се избрани Илчо Димитров и Елена Дуровска, а во црквата „Свети Апостол Павле“ ќе бидат венчани и Искра Блажевска и Марко Бекриќ, додека Марија Крстевска и Владимир Черепналковски ќе го кажат судбоносното „да“ во Галичник на 28 август.
Од Месната заедница „Галичник“ информираат дека свадбените активности традиционално ќе започнат в сабота (16 јули), венчавањето на младенците ќе се изврши в недела (17 јули) во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“, а свеченоста ќе заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.
Од целата програма на „Галичка свадба 2022“ ќе се врши пренос „во живо“, на специјален екран поставен на платото пред чешмата Упија, како и преку интернет, на социјалните мрежи.
Покровител на „Галичката свадба“ е претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, а еден од традиционалните поддржувачи на манифестацијата е Министерството за култура.