Со проекција на филмот „Караула“ на режисерот Рајко Грлиќ, вечер во Кинотеката ќе биде затворено 10. издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“.
Улогите во филмот, кој беше снимен на локации во Битола и во Националниот парк „Галичица“ над Охридското Езеро, ги толкуваат: Тони Гојановиќ, Сергеј Трифуновиќ, Емир Хаџихафизбеговиќ, Верица Недеска, Богдан Диклиќ, Петар Арсовски и други.
На Пулскиот филмски фестивал Емир Хаџихафизбеговиќ ја доби наградата „Златна арена“ за најдобар главен актер. На Филмскиот фестивал во Трст во 2007 година филмот ја доби наградата од публиката, а режисерот Рајко Грлиќ беше номиниран за наградата „Златна школка“ на Фестивалот во Сан Себастијан. На Филмскиот фестивал во Фестроја, Португалија, Грлиќ доби четири награди, како и наградата „ФИПРЕСЦИ“.
По проекцијата ќе следува и сесија со прашања и одговори со Глиќ, кој е гостин на Фестивалот, а разговорот ќе го води Александар Прокопиев.
Организатор на Фестивалот е „Прозарт медиа“. Поддржувачи на „ПРО-ЗА Балкан“ се: Министерството за култура, „Традуки“, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, Град Скопjе, Културно-информативниот центар на Бугарија во Скопје, Амбасадата на Словенија, Францускиот институт во Скопје, Кинотеката, Националната галерија, СПОНА.