Советот за македонски јазик поведе иницијатива родната куќа на Блаже Конески во Небрегово и училницата во селското училиште каде што учел прво одделение да се прогласат за „Културен комплекс Блаже Конески“. Ова е наедно одлука од последната седница, која Советот симболично ја одржа во Спомен-домот во Небрегово.
Како што објасни претседателот на Советот, професор д-р Људмил Спасов, ова наиде на поддршка од Заводот и музеј – Прилеп и со тоа наследството на кодификаторот на современиот македонски јазик, Блаже Конески, се подигнува на повисоко ниво, а ќе се зголеми и интересот за изучувањето на македонскиот јазик.
– Го активираме самото место за студенти, ученици да доаѓаат на екскурзии, ја активираме училницата во училиштето каде што Конески го има завршено првото одделение и предлагаме, со поддршка од прилепскиот Завод и музеј, овој комплекс да се нарече „Културен комплекс Блаже Конески“. Со тоа ќе се поткрене уште повеќе значењето на Конески и ќе биде повисоко рангирана државна институција во рамките на културата и на културната дејност. Наидовме на целосна поддршка и очекуваме следниот чекор да придонесе, се разбира со дозвола од надлежните, и за обнова на црквата во Небрегово на која ѝ е посветена неговата песна „Црква“ – вели Спасов.
– Со едногласна поддршка, во собраниска процедура влезе и Законот за употребата на македонскиот јазик, кој е приспособен на новото време и мора да имаме стабилен, јасен, свој стандарден јазик на кој се преведуваат и ќе се преведуваат документи со кои официјалните лица ќе настапуваат претставувајќи го македонскиот јазик. Ќе има задолжително лектори во институциите и Инспекторат – објасни Спасов.
За година и половина треба да излезе новиот Правописен речник што прецизно ќе објасни како се пишуваат, изговараат и акцентираат зборовите во македонскиот јазик.
– Советот за македонски јазик разговараше за новиот Правописен речник. Оние зборови што ги имаме во Толковниот речник за како правилно да се пишуваат, акцентираат. Ќе издадеме нов Правописен речник. Врз основа на актуелниот Правопис и врз основа на актуелниот Толковен речник на македонскиот јазик. Ние се надеваме дека ќе излезе за брзо, за година или година и половина – вели Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје.
Од Институтот за македонски јазик порачуваат да се внимава при употребата на македонскиот јазик, и да се избегнуваат туѓите зборови што се наметнуваат.
На петти мај во родната куќа на Блаже Конески во Небрегово беше одбележан Денот на македонскиот јазик.