Во тек е реконструкцијата на кумановскиот театар, информираат од Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово. Реконструкцијата ги опфаќа целата внатрешност на објектот и надворешната фасада. Градежните активности предвидуваат санација и преадаптација на: темелите, гледалиштето, сцената, канцелариите, помошните простории и кабините за тон и светло.
– Средствата се обезбедени од Министерството за култура во вредност од десет милиони денари и според очекувањата и договорот со изведувачот, предвидено е овој дел од работите да заврши до првото тримесечје на идната година – најави директорот на Центарот за култура – Куманово, Сашо Тодоровски.
Зградата на Театарот е стара речиси 70 години и ова е една од поинтензивните реконструкции. Надлежните од установата очекуваат до крајот на годинава, ресорното министерство да одвои дополнителни средства за идната година за втората фаза од целосната реконструкција.
Кумановскиот театар годишно продуцира околу десетина премиери на македонски и на албански јазик. Во овој период сите премиери и репризи ќе се играат во салата на Центарот за култура во согласност со здравствените протоколи.