Во мултимедијалниот простор на НУ Спомен-куќа на Мајка Тереза денеска во 18:00 часот ќе биде отворена „Ретроспективна изложба на фотографии“ како дел од манифестацијата „Денови на Мајка Тереза“.
Со реализацијата на манифестацијата, НУ Спомен-куќа на Мајка Тереза од денеска (26 август) до 5 септември ќе одбележи 112 години од раѓањето и 25 години од смртта на светата Мајка Тереза.
Во рамките на програмата на манифестацијата ќе бидат прикажани документарните филмови за Мајка Тереза: „По стапките на Мајка Тереза“, „Посетите на Мајка Тереза на Скопје“, „Нешто убаво за Господ“ и др. Ќе бидат реализирани поетски читања, а ќе се одржи и промоција на книгата „Мајка Тереза – светица, добродетелка, мисионерка“.