Во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија денеска, 12 октомври (четврток), со почеток во 18:30 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Картографирање на себеси“ од македонската поетеса Славица Гаџова Свидерска. На вечерта посветена на преведената книга, која наскоро ќе биде издадена на бугарски јазик од Издавачката куќа „Ерго“, ќе говорат: издавачот Мартин Христов, преведувачката Поли Муканова, писателот Владимир Левчев, како и авторката Славица Гаџова Свидерска.
Славица Гаџова Свидерска (1984, Битола) е македонска поетеса, преведувач, есеист, литературен теоретичар, доктор на филолошките науки. Свидерска има издадено повеќе стихозбирки, литературно-филозофски есеи, а е авторка и на две научни монографии. Носителка е на повеќе награди, а нејзината поезија е преведувана на англиски, кинески, бугарски, српски, хрватски, босански, чешки, словачки, турски и на албански јазик.