Со пригодна презентација на најновото издание на „Кинопис“ бр. 59-60, во петокот во киносалата на Кинотеката беше одбележан јубилејот на единственото македонско списание за историја, теорија и култура на филмот и на другите уметности.
Промотори на овој јубилеј на списанието беа д-р Атанас Чупоски, советник-филмолог и уредник во редакцијата, и Петар Волнаровски, главен и одговорен уредник на „Кинопис“.
Презентацијата започна со проекција на зачуваниот видеоматеријал од промоцијата на првиот број на „Кинопис“, кој излезе од печат во 1989 година. Една од основачите и прва главна уредничка – од 1989 до 2016 г. –, Илинденка Петрушева, со инспиративен говор ја откри реализацијата на долгогодишниот сон на плејада македонски филмски критичари и историчари на филмот за сериозно издание, и во авторски и во издавачки поглед, во кое ќе можат да ги публикуваат нивните трудови.
Актуелниот уредник, Волнаровски, потсети на контиунитетот на списанието „Кинопис“ како природен наследник на кинотечниот магазин „Кинотечен месечник“ (кој излегуваше од 1977 до 1987 година), чии изданија се пионерски чекори во македонската филмска историја и теорија на филмот.
Презентирајќи го предлог-документот за прераснување на „Кинотечен месечник“ во сегашното списание, Волнаровски потенцираше дека и по 60 броја „Кинопис“ е верен наследник на базичните публицистички заложби на неговите основачи.
Чупоски ги презентираше фрагментите од зачуваните пишани материјали од архивот на Кинотеката како драгоцено сведоштво за „раѓањето“ на „Кинопис“, неговата промоција на македонската и на (екс)југословенската филмска сцена, како и на одгласите во тогашните печатени и електронски медиуми.
Потоа тој го презентираше најновиот двоброј на „Кинопис“ низ претставување на актуелните рубрики, теми и автори што се застапени во него.
„Кинопис“, како списание за историја, теорија и култура на филмот и на другите уметности, останува, како и досега, отворено за новите идеи и автори како двигатели на неговиот растеж во иднина.