– Во мај годинава стручен тим конзерватори од битолскиот Завод за заштита на спомениците на културата продолжуваат со реализација на нови фази од конзерваторско-реставраторските работи на архитектурата и конструкцијата, како и на ѕидното сликарство на црквата „Св. Ѓорги“ во Курбиново – рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска при денешната работна посета на овој значаен и автентичен споменик на културата од 12 век.
За време на посетата на црквата во Курбиново, која во 2020 година беше прогласена за културно наследство од исклучително значење, министерката за култура беше информирана за преземените зафати, како и за активностите што следуваат.
– Во согласност со планираното, за конзервација и реставрација на овој македонски црковен бисер – додаде Костадиновска-Стојчевска – кој поради своето значење се финансира од редовната програма за заштита и од програмата за добра во опасност на Министерството за култура, се издвоени околу 14 милиони денари .
Министерката за култура потсети дека овој значаен споменик на културата, познат по фреската на светецот Архангел Гаврил – „Ангелот од Курбиново“, е ставен на Привремената листа за културно наследство на УНЕСКО, Костадиновска–Стојчевска денеска го посети и Сарајот на Ахмед Нијази-бег, импозантен архитектонски објект во кој е сместен Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен.
– За втората фаза од реконструкцијата на објектот, Министерството за култура обезбеди 2 милиона денари – рече министерката за култура и потсети дека работите на објектот започнаа минатата година, а зимскиот период е искористен за изготвување на потребната проектна документација. – Со тоа ќе се овозможи во текот на годинава да се пристапи кон практични активности за непосредна санација, конзервација и реставрација на овој исклучително значаен објект за целата држава – додаде Костадиновска -Стојчевска.
Со ова трајно се решава еден долгогодишен проблем кој е од големо значење за целокупната заштита на нашето културно богатство.