Прес конференција во Кунстхале Виена по повод вечерашното отворање на изложбата со дела од колекцијата на МСУ – Скопје

од admin_kult

МОЖЕМЕ ЛИ ПОВТОРНО ДА ЈА ВРАТИМЕ МОЌТА НА СВЕТСКАТА СОЛИДАРНОСТ

Пред повеќе десетици претставници на австриските медиуми, денеска се одржа конференција за печат во Кунстхале Виена, по повод вечерашното отворање на изложбата „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје”/„No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection“ со дела од вредната и уникатна колекција на Музејот на современата уметност – Скопје.

Концептот на изложбата, која е резултат на соработката меѓу МСУ – Скопје и Кунстхале Виена го доближија Мира Гаќина, директорка на МСУ и една од трите уметнички директорки на Кунстхале, Сабина Саболовиќ.

Изложбата е курирана од уметничките директорки на Кунстхале, кураторскиот колектив What, How & for Who/WHW (Ивет Ќурлин, Наташа Илиќ и Сабина Саболовиќ).

„Практикувањето солидарност, значи припадност и споделување“, рече на денешната средба со австриските медиуми, Мира Гаќина, првиот човек на МСУ.

„Ние, како Музеј на современата уметност со нашите колеги од Кунстхале ги вклучивме искреностa и отвореноста во нашиот заеднички изложбен проект, за повторно да изградиме интимна врска со уметниците и да ја реактуелизираме солидарноста, како општествена вредност. Затоа, посветено го препрочитуваме и повторно го толкуваме поимот солидарност во современиот општествен контекст. Овие дела кои ги донесовме во Виена се гест на пријателство и се во духот на негување нови врски со Кунстхале Виена“, истакна Гаќина.

Досега, уникатната ко­лек­ци­ја­ на МСУ e повеќепати промовирана низ светот. Но, со­ра­бо­тка­та со Кунст­ха­ле е нај­комп­лекс­ни­от про­ект што до­се­га го имал нашиот музеј. Не са­мо поради тоа што ќе бидат из­ло­же­ни 94 дела од вредната колекција, која брои преку 5.500 дела, ту­ку и по­ра­ди фа­ктот што де­ла­та мо­жат да се пог­лед­нат во еден ваков по­се­тен про­стор, во туристичка Виена, каде годишно поминуваат преку 75.000 илјади посетители, а само за вечерашното отворање се очекуваат повеќе од 1.500 гости.

Кураторките поканија 6 меѓународни современи уметници: Брук Ендру (Мелбурн), Синиша Илиќ (Белград), Иман Иса (Берлин) и Ѓулсун Карамустафа (Истанбул) и едно уметничко дуо Јане Чаловски и Христина Иваноска (Скопје), кои направија своја селекција од вредната колекција на МСУ и осмислија поставка со која воспоставија дијалог помеѓу делата на познатите уметници од колекцијата и нивната авторска работа. Идејата е да се види како денес современите уметници ја доживуваат оваа збирка, настаната преку светската солидарност. Покрај нив, фотографката Елфи Семотан (Виена), направи дела од градскиот пејзаж на Скопје и МСУ, а писателката Барби Марковиќ (Виена), напиша патопис за нејзиното искуство од соочувањето со сложените и слоевити истории на Скопје.

По завршувањето на пресот, 6-те современи уметници, вклучени во изложбата, го објаснија пред медиумите својот дијалог со делата од колекцијата на МСУ.  

„Насловот на изложбата „No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection“ е тесно поврзан со приказната за тоа како е изградена уметничката колекција на МСУ Скопје“, рече на денешниот прес, Саболовиќ, уметничка директорка на Кунтхале.

Потоа, низ еден емотивен и искрен манир им ја раскажа на новинарите приказната за настанувањето на колекцијата на МСУ – Скопје.  

„Катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година, беше прва човечка катастрофа во тоа време, пренесена преку ТВ приемниците низ светот, која ја разбуди светската солидарност. Загубата на илјадници животи и домови беше емитувана низ целиот свет. Шокантните слики на човечката беспомошност против разорната сила на природата, доведоа до невидено брза, моќна реакција и одговор од светот. Обединетите нации веднаш апелираа за помош на скопјани и меѓудругото, потенцираа дека покрај материјална штета и многуте човечки жртви, важно е да се крене и духот на скопјани“, истакна Саболовиќ.

На повикот до светски познатите уметници да донираат дела, меѓу првите се пријави Пикасо, кој донираше дело за МСУ – Скопје, а по него и многу други: Дејвид Хокни, Виктор Вазарели, Александар Калдер, Кристо и Жана-Клод, Јаспер Џонс, Алекс Кац, Алберто Бури…  Во знак на солидарност, пристигнуваа вредни подароци во МСУ од целиот свет. Денес, колекцијата е збир на важни личности од историјата на уметноста, од Украина до Јужна Африка, од Чиле до Нов Зеланд.

Дел од изложбата содржи и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ и неговата колекција, документи и макетата на Кензо Танге, позајмени од архивите на Музејот на град Скопје и архивата на МСУ.

Вечерва пред официјалното отворање на изложбата предавање со наслов „Skopje: Building the City of Solidarity” ќе одржат и архитектите Ана Ивановска Дескова, Јован Ивановски и Владимир Десков.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе