Костадиновска-Стојчевска во Виена: Со изложбата на МСУ во „Кунстхале“ сме дел од актуелниот уметнички миг во Европа

од admin_kult

Во срцето на уметничка Виена, во музејот „Кунстхале Виена“ (Kunsthalle Wien Museumsquartier), македонската современа уметност синоќа беше во фокусот со „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ – Скопје“ (No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection).

Во следните девет месеци европската и светската јавност ќе имаат можност да го согледаат дијалогот што преку свој кураторски проект го создадоа уметничките тимови на Музејот на современата уметност од Скопје и на „Кунстхале Виена“.

Проектот е инспириран од солидарната колекција на МСУ и е реализиран токму на 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, и во тој контекст, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вели: „Кураторите, преку даруваните дела од колекцијата и со новите од  авторите што се вклучени во изложбата, поставуваат прашања што се актуелни и денес – можна ли е солидарноста воопшто, или солидарноста меѓу уметниците? Зборуваат за  заедништво на спротивставени политички блокови преку уметност, како што се случило по земјотресот во Скопје“. Таа додава дека низ изложбата се актуализира и прашањето за архитектурата, за планирањето на градовите и за тоа како од проект за солидарно Скопје, стигнавме до „Скопје 2014“.

 „Оваа соработка ни покажува дека кај нас секогаш се создавала уметност која е атрактивна и ангажирана да одговори на највисоките светски стандарди и текови во современата уметност. Тоа го покажуваат  авторите кои се застапени во делот на солидарната колеција, но и авторите кои денес со својата концептуална уметност се дел од европската сцена, а се вклучени во овој проект.

Оваа изложба ни покажува дека сме дел од актуелниот уметнички миг во Европа, и нѐ охрабрува да се насочиме кон идни слични соработки кои секако ќе придонесат за поголема отвореност на светот кон македонското ново ликовно творештво“, вели Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура верува дека од оваа изложба излегуваме со нови трајни креативни пријателства со уметници од Мелбурн, Берлин, Истанбул и од Виена. „Веруваме дека пораките од изложбата ќе допрат широко во Европа и дека уметноста како средство за дијалог ќе се наметне во надминувањето на разликите со кои секојдневно се среќаваме“, заклучи Костадиновска-Стојчевска.

Директорката на МСУ, Мира Гаќина, вели дека соработката со „Кунстхале Виена“ несомнено е еден од најкомплексните проекти досега и настан од национален интерес за нашата земја.

Куратори на изложбата се уметничките директори на „Кунстхале Виена“, кураторскиот колектив „What, How & for Who/WHW“, кој го сочинуваат Ивет Ќурлин, Наташа Илиќ и Сабина Саболовиќ.

Од вкупната уметничката колекција на МСУ, која содржи над 5 500 дела, во Виена се изложени 94 дела и околу 50 дела од современите уметници вклучени во овој проект. На изложбата синоќа беа претставени и фотографии од градскиот пејзаж на Скопје и МСУ, кои ги направи фотографката Елфи Семотан (Виена). Дел од проектот е и патопис на писателката Барби Марковиќ (Виена), која го опиша своето искуство од соочувањето со сложените и слоевити истории на Скопје.

Изложбата содржи и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ и неговата колекција, документи и макетата на Кензо Танге, позајмени од архивите на Музејот на град Скопје и од архивата на МСУ.

Пред отворањето на изложбата, предавање посветено на Скопје одржаа  архитектите Јован Ивановски, Ана Ивановска-Дескова и Владимир Десков, чии архитектонски макети на постземјотресно Скопје се претставени во поставката.

Изложбата во „Кунстхале Виена“ ќе биде отворена до 28 јануари 2024 година.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе