Со почит кон своите корени,.
Во предвечерието на големиот христијански празник Голема Богородица, македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески на 27 август ќе ја изведе претпремиерата на својот проект „МАКЕДОНИСИМО“ во родното место на неговиот татко, струшко село Збажди.
Во рамки на проектот на оригинален начин се обработува македонската народна музика од страна на нашиот композитор, Панде Шахов.
„МАКЕДОНИСИМО“ – квинтетот го сочинуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад удиралките е Влатко Нушев.
Инаку, Трпчески ја заврши својата концертна сезона 2021/22 со концертот во петокот, на 5 август на светски познатата сцена „Театро Колон“ во Буенос Аирес, каде заедно со Филхармонискиот оркестар на Буенос Аирес под диригентската палка на перуанецот Давид дел Пино Клинге, го изведе Вториот концерт за пијано и оркестар од Рахмањинов. На овој концерт му претходеа и концертите во Хрватска (рецитал во Загреб во рамките на „Гричките вечери“), Јужна Кореја (со рецитал и на барање на публиката повторна изведба на „МАКЕДОНИСИМО“), Соединетите американски држави (со Грант Парк оркестарот на престижната отворена сцена во Чикаго), а во Отава, Канада во рамките на „Камерниот музички фестивал“ се случи и северноамериканската премиера на проектот „МАКЕДОНИСИМО“.