Филмот „Превртено“ на Игор Иванов-Изи ќе биде прикажан вечер во Кинотеката по повод 15 години од неговата премиера. Повторното прикажување на „Превртено“ е во чест на починатиот македонски актер Синиша Кајевски, кој во декември минатата година, на 39-годишна возраст, прерано го заврши животот.
Дебитантскиот долгометражен игран филм на Иванов, „Превртено“ (Upside Down), најпрвин беше прикажан во 2007 година на Интернационалниот филмски фестивал во Карлови Вари, каде што беше во конкуренција за наградата „East of West Award“, а подоцна ја освои и Наградата за најдобра режија на фестивалот во Валенсија „Mostra de Valеncia – Cinema del Mediterrani“.
Филмот „Превртено“ ја имаше македонската премиера на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола во 2007 година и претставува еден од последните македонски играни филмови снимени на 35-милиметарска лента. Филмот е работен според романот „Папокот на светот“ од Венко Андоновски (кој е и косценарист на филмот). Продуциран е со финансиска поддршка од: Министерството за култура на Република Северна Македонија, Министерството за култура на Република Хрватска, Министерството за култура на Република Србија, „The Global Film Initiative“ и МРТ. Продуценти се „Сектор филм“ – Скопје, „Mainframe Production“ и „Cinears“.
Кајевски толкува една од главните улоги во филмот, заедно со: Милан Тоциновски, Сања Трајковиќ, Никола Ристановски, Јовица Михајловски, Марија Кондовска, Елена Серафимовиќ, Јордан Симонов, Ѓорѓи Јолевски и Инес Бојаниќ. Споредните ролји ги играат: Силвија Јовановска-Стојановска, Петар Мирчевски, Лабина Митевска, Камка Тоциновски итн. Продуцент е Владимир Анастасов, директор на фотографијата е Томи Салковски, монтажер е Игор Андреевски, сценографијата е на Иван Бартлинг и Игор Тошевски, костимите на Бланка Будак, а музиката ја компонираше Зоран Спасовски. Копродуценти на филмот се Игор А. Нола и Милко Јосифов.