Со читање на Константиновата „Т`га за југ“ и палење на фестивалскиот оган, вечер во Струга ќе почне 61. издание на поетската манифестација „Струшки вечери на поезијата“. Поради најавите за дожд, наместо на платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, свеченоста ќе се одржи на терасата во хотелот „Дрим“.
Претходно, напладне во Паркот на поезијата ќе биде насадено дрвце во чест на добитникот на највисокото признание на манифестацијата „Златен венец“ за 2022 година, јапонскиот поет Шунтаро Таникава.
Годинашниот лауреат, како што соопшти дирекцијата на Фестивалот СВП, поради поодмината возраст (91 година) и здравствени ризици, нема да присуствува физички, а „Златниот венец“ во негово име ќе го прими неговиот син Кенсаку Таникава. Специјален гостин на манифестацијата ќе биде минатогодишниот добитник на „Златниот венец“, израелскиот поет Амир Ор.
На манифестацијата, што ќе се одржува под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“, најавено е присуство на 24 поети од странство и 30-ина од државава.
– Во рамките на програмата е предвидено меморијално чествување на доајенот на македонската поезија Радован Павловски, вечер на хрватска женска поезија и промоција на специјалниот тематски број на „Книжевно житие“, поетски портрет на Шунтаро Таникава, поетски омаж на лауреатот на СВП во 2020 година Амир Ор, портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ и „Браќа Миладиновци“ за 2022 година, како и повеќе поетски читања на домашни и на странски поети – соопшти Националната установа „Струшки вечери на поезијата“.
Во рамките на програмата е предвидена промоција на антологијата „Поезија и музика“, тематски избор на песни од истакнати домашни и странски поети, чија тема е музиката.
Свеченото затворање на фестивалот, традиционално, ќе биде в недела, 28 август, на Мостот на поезијата со поетското читање „Мостови“ и врачување на наградите „Златен венец“, „Мостови на Струга“ – што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО за најдобра дебитантска книга и „Браќа Миладиновци“.