По кусо боледување почина Мирко Попов, еден од најпознатите македонски музички автори и продуценти на електронска музика. Истовремено, Попов беше еден од највлијателните и најуспешни скопски диџеи, текстописeц и издавач, еден од основачите на џез-фестивалот „Крај Вардарот џез“, како и иницијатор и уредник на неговиот музички проект, платформата „Силата ЕУ младите“.
Сочувство кон семејството на Мирко Попов и сите негови колеги и пријатели, упати и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која наведе дека Попов беше најистакнатиот промотор на македонската независна музичка сцена и култура.
„Неговата продукција се потпиша на над 300 изданија на македонски автори од современата музика. Остави наследство што имаме обврска да го пренесеме на младите генерации како четиво за нешто поразлично, смело творештво и важноста на алтернативната култура“, напиша во телеграмата министерката за култура.
Попов е роден во 1972 година во Скопје. Во 1998 ја формираше „ПМГ рекордингс“, водечка независна дискографска куќа во земјава со над 300 изданија.
Бендот „ПМГ колектив“, каде што е автор на музика, текстови, вокалист и оператор на машини за звук, прераснува во еден од водечките домашни бендови од првата деценија на новиот век. „ПМГ колектив“ има издадено девет албуми и едно издание на најголемите хитови, и има остварено повеќе македонски и европски турнеи.
Членувал во неколку музички состави, а од 2020 година продуцира, издава и настапува и како соло артист под името „Мирко Попов квартет“.
Има остварено повеќе улоги во театарски претстави, а се јавува и како автор на неколку музички дела за театар и за филм. Автор е на книгата „20 години те сакам *Монографија за ПМГ колектив“. Автор е и на книгата за деца „Розевата планета“ издадена за „Чудна шума“ на македонски и на албански јазик.